Обвинителство да испита дали убиството на Никола Христовски е дело од омраза

2528

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува жалење за прерано загубениот живот на Никола Христовски и ги повикува надлежните институции сериозно да работат на превенцијата на делата од омраза, се вели во соопштението.

– Според информациите објавени од медиумите и Министерството за внатрешни работи, на 14.08.2019 година, по претходна вербална расправија и физичка пресметка помеѓу повеќе млади лица, Никола Христовски (17) бил прободен со нож од страна на А.Т. (18), по што подлегнал на повредите во клиниката „Мајка Тереза“.

Хелсиншкиот комитет во текот на 2018 година регистрираше рекорден број на инциденти сторени од омраза, а ваквиот тренд продолжува и во 2019 година, каде што заклучно со јуни, евидентирани се вкупно 109 случаи. Бројот на инциденти извршени по основ на етничка припадност е алармантен и достигнува 64% од сите регистрирани инциденти, а најзагрижувачки е податокот дека огромно мнозинство на жртви и сторители се млади лица.

Делата од омраза не се случуваат во вакуум, тие се насилна манифестација на предрасуди која понатаму продира во пошироката заедница. Поради тоа, неопходно е да се зајакнат превентивните мерки, меѓу другото, со преземање чекори за едукација на јавноста за вредностите на културната разновидност и инклузија, со посебен фокус на децата и младите луѓе.

Институциите мора со најголемо внимание, ефикасност и темелност да му пристапат на овој случај, да ги обезбедат сите докази и согласно истите да го квалификуваат делото и да ја водат постапката против сторителот, кој согласно закон би бил изведен пред суд и казнет соодветно. Основното јавно обвинителство мора да ги разгледа сите индиции и да испита дали истите упатуваат на тоа дека овој настан претставува дело од омраза и соодветно да го квалификува, соопшти Хелсиншки.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...