МОН повика да се мотивираат средношколците за меѓународниот тест ПИСА

281

Петнаесетгодишните средношколци во сите јавни гимназии во Македонија на крајот на месецов ќе бидат тестирани со меѓународниот тест ПИСА 2018, од кој се добиваат резултати за јазичната писменост и знаења по математика и природни науки.

Македонските средношколци ПИСА тест полагале во 2000 и во 2015 година кога се добиени резултати под меѓународниот просек. На тестот пред три години Македонија е рангирана на дното на листата од 72 земји во светот, заедно со Тунис. Косово, Алжир и Доминиканска Република. Меѓународното ПИСА тестирање го спроведува ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој), а во Македонија ќе го организираат Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар.

За да ги подготви директорите на средните училишта МОН денеска организираше средба со нив повикувајќи ги да им го објаснат тестот на учениците и неговото значење и да ги мотивираат да го решат. Целта на МОН е од резултатите што ќе ги добие да ја креира и политиката на реформи во основното и средното образование.

Министерката Рената Дескоска на средбата со директорите истакна дека ПИСА тестирањето треба да одговори на прашањето дали нашиот образовен систем ја извршува својата мисија, нагласувајќи дека учениците најпрво треба да бидат научени да учат, да размислуваат и да го селектираат она што е правилно од она што е невистина.

– Со оглед дека изминатите тестирања покажаа лоши резултати, бевме рангирани на дното на листата заедно со последните четири земји, се обидуваме на секој начин да ги мотивираме, пред се, наставниците и директорите за таа мотивација да ја пренесат на учениците сериозно да пристапат на ова тестирање. Во минатото се покажа дека учениците дури не стасувале до крајот на тестот бидејќи го сметале за нерелевантен и небитен, дека не влијае на нивниот успех и не ги завршувале тестовите. Првенствено сакаме да ја кренеме свеста за значењето на ова тестирање кое во крајна линија ќе биде патоказ на реформите што ќе ги правиме во средното и во основното образование – рече Дескоска.

Посочи и дека со новиот закон за средно образование, како и со законот за основно за кој новините ги соопшти завчера, ќе биде воспоставен механизам за рангирање на училиштата (основни и средни) во зависност од нивниот квалитет. Притоа ќе бидат земени предвид повеќе показатели меѓу кои и резултатите од вакви меѓународни тестирања.

На работниот состанок со директорите презентација имаше претставникот на УНИЦЕФ за Македонија Бенџамин Перкс, кој истакна дека предучилишното образование е директно поврзано со успехот на меѓународното тестирање ПИСА. Затоа, рече, во интензивна соработка се со МОН и МТСП за секое дете на возраст од три до шест години да биде опфатено во предучилишно образование најмалку три часа на ден.

– ПИСА е одраз на резултатите на целиот образовен систем и е во директна врска со предучилишното образование во кое колку повеќе вложувате, толку ќе бидат подобри и резултатите – рече Перкс, нагласувајќи дека квалитетот на наставата е најважниот двигател на развојот на децата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...