Шефицата на кабинетот на Катица Јанева денеска дала исказ за случајот „Рекет“ во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Денеска требаше да сведочи и обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми, но неговото сослушување се одложи за утре бидејќи денеска тој беше на судско рочиште за предметот „Т.Н.Т.“.
Неговиот распит за утре е закажан во 12.30 часот и тој ќе биде трет обвинител по ред кој ќе сведочи за „Рекет“ откако пред него тоа го направија Лиле Стефанова и Елизабета Јосифоска која ѝ е заменичка на Јанева.
Се очекува да се сослуша и специјалната обвинителка, но до овој момент таа нема примено официјална покана за распит.
Рустеми кој ќе сведочи утре ја води истрагата за „Поштенска банка“ и тој беше споменат во писмената изјава која ја даде неговата колешка Стефанова за медиумите. Таа наведе дека на состанок Јанева барала од нив да подготват извештај за истрагите, сумите кои осомничените треба да ги вратат на државата, како и барање предметите да се затворат со тоа односно без одење во затвор.
„На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Конкретно, нѝ беше наложено, најдоцна до 06 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмета кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период“, наведе Стефанова во изјавата.