На една конференција за политичко помирување што ја организираше ЦИВИЛ во 2010 година, поранешниот потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев, своевремено го нарече Милошоски со зборовите: „пристојното лице на ВМРО-ДПМНЕ“. Наспроти повиците за политичко помирување уште тогаш, четири години откако ВМРО-ДПМНЕ освои власт, такво нешто не се случи. Помирување немаше тогаш, нема ни сега. Има само преплет од афери, скандали, амнестии, бескрајни пазарења и блокада на процесите.
Ако порано важеше за макар приближно пристојна фигура на политичката сцена, Антонијо Милошоски мазно влезе во оваа валкана медиумска војна. Тој сега стана илустрација за евтини трикови и морален пад каков што многумина не очекуваа од него. За ликови, пак, како Стевананџија и слични, не може да се каже дека се изненадување на политичкиот бувљак.
Дури и највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивните пратеници во парламентот веќе со години, со сѐ позасилено темпо, без ни малку резерви, за срам и да не зборуваме, безочно лажат и пласираат дезинформации и лажни вести. Ако тоа порано им го оставаа на своите човечиња во масивната агитпроп машинерија, сега и самите се впуштени во таа вулгарна и бескрупулозна црна кампања. Тоа кажува многу, но некој треба и да го види.
Сега е појасно од кога и да е – сите тие пијат вода од едно исто место. За свои интереси што далеку ги надминува прашањата за наклонетоста или симпатиите, руските служби сесрдно ги помагаат. Против македонските интереси, се разбира. На рускиот ФСБ не му е гајле ни за ВМРО-ДПМНЕ, ни за Македонија и Македонците. Нивна грижа е само воено-политичкиот интерес на Кремљ и ни милиметар подалеку.
Да фрлиме поглед и на другата страна на политичката хемисфера. И еден италијански медиум се впушти во сеењето магла низ Македонија. Серија видео снимки со, благо речено, сомнителен кредибилитет се објавуваат во „Ла Верита“. Не е во прашање веродостојноста на снимките, тие може, но и не мора да се веродостојни. Важни се мотивите. Интересен е тајмингот во кој, не за прв пат, овој медиум се впушта во кампања во корист на груевската Фамилија, и тоа на самиот почеток, од 2016 година со Стоп операција Сорос и серија со лигаво додворувачки наслови за Груевски, па сѐ до отворена кампања против постигнување на историскиот Договор со Грција и Референдумот кој уследи.
Авторот? Нешто како некои самонаречени аналитичари во земјава, човек со нескриени политички амбиции, близок до десницата, добар пријател со екстремните десничари и профашисти расеани низ неколку земји на ЕУ, од кои италијанскиот министер за внатрешни, Матео Салвини, му е на централно место на таблото.
Што се однесува до Италија и нејзините медиуми, тоа ви е една ЕУ држава што ни оддалеку не е цвеќе за мирисање. Унгарија ја престигна Италија овие години, со тоа што нејзиниот премиер Орбан стана вистински европски Грујо (го нарекуваат Виктаторот од Орбанистан), па и си го прибра кај него. Но, тоа не значи дека Италија станала нешто многу подобра од тоа што беше во ерата на неславното владеење на Берлускони наваму.
Триаголникот се затвора со Словенија, од каде што се јавува авторот на најновата „мрсна“ видео серија, зачинета со видео колумни во кои тој ја изразува својата „загриженост“ за македонскиот народ. И кој бил во Будимпешта на тајни средби меѓу шефовите и прислужниците. Навистина, тајноста на некои од тие средби брзо испари.
Сега останува уште да дознаеме што е следната фаза од медиумско-криминалната офанзива чија жртва, повторно, ќе бидат правдата и вистината.
Некој, помалку информиран или наивен, можеби ќе се запраша зошто и како влета Италија во оваа комбинација. Радикални десничари има и во други земји… Па, сѐ уште се свежи сеќавањата на сите зделки на владата на Груевски со италијанските компании. Колку само италијанска бронза и мермер (при сиот мермер од Прилеп) има во Скопје 2014? Колку зделки, пропаднати и полупропаднати со други италијански компании беа склучени, вклучувајќи ги и оние со депонијата Дрисла?
Пипците на организираниот криминал се долги и заплеткани. И не секогаш значи дека тие што некого бранат, навистина и го мислат тоа, туку тоа го прават за да заштитат нечии други интереси. Како што е случајот со Кремљ, на пример. А оваа афера со „рекетот“ е само еден дел од едно многу заплеткано клопче со криминал и корупција во кое се вклучени центри на моќта многу подалеку и многу подлабоко отколку што може да се замисли.
Одамна се поминати времињата на „класичните“ мафијашки пресметки за кои се правеа и се прават филмови, а генерациите уживаат во нив откако постои Холивуд. Во моментот кога мафијата реши да се занимава со легален бизнис, како што е погребални претпријатија или комунална хигиена, па и со издаваштво и хуманитарни организации, ништо повеќе не е исто во светот. А тоа се случи пред повеќе од половина век. Сега, криминалот е вгнезден во радикалната десница низ светов и ги злоупотребува сите придобивки на демократијата и слободата на изразувањето.
Значи, назад ни е зимата, што би рекол мојот другар Горан. Во своите 11 години на власт кога цела држава имаа на располагање, домашните мафијаши имаа време и пари да корумпираат каде ќе стигнат, односно каде што им треба. Услуги им должат многумина на важни места и во политиката и во бизнисот и во медиумите… Познато е што тоа може да значи.
После „Рекет“, може да очекуваме уште многу обиди да ѝ се нанесат удари на македонската демократија, каква и да е таа. Но, исходот ќе биде добар, тоа веќе сега се гледа. По поразот на Фамилијата, куририте и белосветските вагабонти ќе настрадаат многу бели образи и многу уши ќе црвенеат, а вратите од затворите многу пати ќе сменат станари, до денот кога, можеби, ама само можеби, ќе ги примат своите вистински станари кои заслужиле да бидат таму долго време. А истото ги чека и мафијашите во политиката во неколку други земји. Само стрпливо. Сѐ ќе биде уште позаплеткано и подраматично.