Пред почетокот на судењето, веднаш по констатирањето на присутните претседателот на судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев рече дека на една минута пред да влезе на судење добил барање за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поднесено од обвинетиот Тони Трајковски.
Ставрев рече дека денешното судење ќе продолжи, а судот дополнително ќе се изјасни по барањето, кое како што рече, немал време да го разгледа.
Рочиштето продолжи со сослушување на првиот сведок Светлана Јовановска, предложена од одбраната.
Јовановска е стручно лице дипломиран архитект, вработена во Општина Гази Баба во секторот за урбанизам. Во 2010 била одговорен општински урбанистички инспектор, а во декември истата година станала раководител на Секторот за урбанизам во Општина Гази Баба.
На денешното рочиште треба да сведочат и Елисавета Ристовска Петрова и Соња Маневска.
Во предметот „ТНТ“, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Случајот се наоѓа во доказна постапка, а застапник на обвиненито е Бурим Рустеми од СЈО.