Се брише сонцето на Вергина од градските шахти, како и од обележјата на јавните институции, објекти и јавните површини.
По налог на Град Скопје, екипи на ЈП „Водовод и канализација“ со брусалица ги отстрануваат симболите од шахтите согласно Преспанскиот договор.
Оваа обврска е регулирана во член 8 став 3 од Преспанскиот договор во кој е посочено дека: „Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба“.
Во однос на симболот на поранешното знаме (Сонцето од Вергина/Кутлеш), државата има преземено обврска уште во 1995 година со Привремената спогодба конкретно член 7 став 2, дека нема да го употребува симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции. Користењето на симболот во јавен простор од страна на јавни и државни институции е регулирано уште во 1995 година.
Поставување на ознаките и отстранувањето на Сонцето од Вергина во Скопје е во надлежност на градските власти и е под постојан видео надзор и редарска служба.
Отстранувањето на ознаките следува по владината препорака до единиците на локалната самоуправа, државните и јавните институции, да ги почитуваат обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните.
Во Преспанскиот договор, во членот 8 став 2 се вели дека: „Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски вчера рече дека одлуката на Владата за отстранување на симболот на Сонцето од Вергина е за општините, државните и локални институции и оти се импелементира сега согласно Преспанскиот договор. Во однос на приватното користење на симболот, Милевски рече дека тоа не може да забрани. За спомениците, треба само да се обележи дека тоа е споменик од античкиот период, од хеленистичкиот период.
Сонцето од Кутлеш го има на речиси сите градски фонтани, фасади, знамиња и грбови.
Граѓаните, сепак ќе можат Вергината да ја користат на приватни имоти. За нив нема санкции, додека институциите кои нема да ја спроведат наредбата ќе се казнат согласно законот.