И годинава бев на одмор во Дојран, едно од нашите најубави туристички места. По сите турбуленции и трауми што ги имаше Дојран, а и сė уште ги има со водата (ем секнува и пресушува, ем надоаѓа и преплавува!), таму времето како да застанало. Бавно, летаргично, промените се најавуваат, но ретко и само делумно се остваруваат.
И понатаму се претрчува преку улицата пред џиновските шлепери, се вози како на трка а не низ населено место, а од најавената обиколница нема ни најава, ни трага, ни почеток. Само повеќегодишни (предизборни) ветувања.
И, она што е исто така недозволиво: нема скалички, најобични, метални, дрвени или бетонски, за да влезат луѓето во Езерото и достоинствено да се разладат. Додека се чека на угостителите кои мислат само на издавањето на лежалките и собирањето на парите за тоа, јавно му предлагам на градоначалникот на Дојран да изгради (за почеток) барем десет такви скалички. А за лицата со посебни потреби и за повозрасните да не говориме, зашто тие немаат речиси никакви услови да влезат и излезат достоинствено во и од Езерото.
Плажата кај Престиж, амфитеатарот, патеката кон Мрдаја, сето тоа не е во функција, замре и полека но сигурно атрофира, апстинира и исчезнува, а Дојран станува само делот од тезгите со текстил до Општината. Штета! А да не говориме за Ачикот, за објектот кој некогаш таму беше вистински Центар за деца и млади, а кој сега исто така е целиот со капини, трње и искршени стакла, откорнати елетрични инсталации и со фекалии.
Во Дојран се одржа манифестацијата Вино и риба, но за разлика од минатата година, овојпат беше само еден излагач (а не неколку како лани) кој повеќе правеше и продаваше плескавици отколку риби. Да, Дојранското езеро мириса на риба, но во Дојран нема риби. Ако сакате да пробате риба тоа можете само во рестораните, зашто нема ни една и единствена рибарница, исто како што нема и многу други нешта.
Да, недостасуваат токму тие мали, само навидум ситни и небитни нешта. А тука доаѓаат странци (најчесто од Грција и соседна Србија) и се чудат дека сė тече, а речиси ништо не се менува и не се презема. Пребавно е другари, речиси безнадежно, затоа не ветувања, туку работа, реализација и резултати!
А премиерите на Македонија и Бугарија неодамна беа и си заминаа. И додека кратко престојуваа таму, во тие неколку часа, сė беше под контрола: немаше шлепери по патот, немаше отпад и ѓубре, а потоа сѐ беше и остана како и пред тоа, пасивно и по старо…