Анѓушев-Љајиќ: Усогласени решенијата за отворени прашања во трговската размена

Анѓушев и Љајиќ се согласија дека двете влади ќе ги преземат сите неопходни мерки се со цел олеснување на трговијата и отстранување на вонцаринските бариери при трговијата на двете земји.

274

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев кој денеска е во официјална посета Република Србија, се сретна со српскиот потпретседател и министер за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љајиќ со кој ги усогласи решенијата за повеќе отворени прашања во трговската размена помеѓу двете земји.

Соопштено е дека е договорено Владите до 30 јуни ги потпишат и да бидат ратификувани Меморандум за соработка во областа на безбедност на храна и ветеринарнство и Меморандум за фитосанитарна соработка, со кои меѓусебно ќе бидат признаени сертификатите на двете земји.

На тој начин,како што појаснуваат од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев, практично ќе престане потребата за двојно земање на примероци и анализа на прехранбените производи, што во голема мера ќе ги намали дополнителните и непотребните трошоци со кои се соочуваат стопанствениците од двете земји.

Анѓушев и Љајиќ се согласија дека до тогаш, двете влади ќе ги преземат сите неопходни мерки се со цел олеснување на трговијата и отстранување на вонцаринските бариери при трговијата на двете земји.

Српските гранични служби се обврзуваат да ги отстранат бариерите во трговијата на ориз, сувомеснати млечни производи од Македонија во Србија, што беше и главното барање на македонските компании кои извезуваат во Србија.

Во исто време од македонска страна е договорено како привремено решение да се работи на враќање на стариот правилник за контролните маркици за брашно, кој важеше до 7 февруари оваа година. Но, во тој случај,  при увозот на брашно треба да се овозможат услови за непречен инспекциски увид на увозното брашно од страна на инспекторите на македонската Агенција за храна и ветеринарство на граничниот премин, со што ќе се контролира дали маркиците се соодветно залепени на брашното и дали брашното има соодветна деклариција.

На состанокот е договорено да биде формирана мешовита работна група, во која ќе членуваат претставници од Кабинетите на вицепремиерите и од Стопанските комори, а која секојдневно ќе биде во комуникација за решавање на сите идни отворени прашања во трговијата помегу двете земји.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...