Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска изјави дека Одлуката на Владата за отстранување на симболот на Сонцето од Вергина важи за општините, државните и локални институции и оти се имплементира сега согласно Преспанскиот договор.
– Одлуката на Владата е за локалната самоуправа. Сонцето на Вергина е тргнато од знамето од 1995 година, така што не знам зошто сега се отвора тоа прашање. Преспанскиот договор е јасен, тоа да не се користи за државните институции, се разбира и за локалните институции и сега дојде моментот таа одредба да се имплементира. Преспанскиот договор е прифатен од Собранието со двотретинско мнозинство и граѓаните се запознаени со чекорите што следуваат – изјави Милевски.
Во однос на приватното користење на симболот, Милевски рече дека тоа не може да забрани.
– Јас лично не знам доколку сакам да го користам, кој би можел да ми забрани. Сигурно во дворовите во Грција може да се користи било што и никој не може да го забрани. Исто и тука на еден приватен имот кој сака може да си стави. Не е ова инквизиција да ги гониме луѓето, но државните институции треба да го почитуваат законот, а за непочитување на законите се разбира има санкции – рече Милевски.
На новинарско прашање за општините кои на своите знамиња и грбови го имаат Сонцето на Вергина, министерот за локална самоуправа смета дека тие треба да ги променат симболите.
– Се согласувам дека тие треба да ги променат симболите, а мислам дека за спомениците кои се во некои градови треба само да се обележи дека тоа е споменик од античкиот период, од еленистичкиот период. Не да се отстрануваат, туку во фуснота да се наведе од кој период е конкретниот споменик. Мислам дека тие се неколку, за Битола, Прилеп, како спомениците од Александар Македонски, Филип Втори итн. – посочи Милевски.
Владата вчера им препорача на единиците на локалната самоуправа да ја почитуваат обврската од член 8 став (3) од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и да пристапат кон отстранување на симболот на Сонцето на Вергина од сите јавни места и јавна употреба.