Премиерот Зоран Заев на својот статус на Фејсбук реагираше на коментарот на градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, според кого, Заев му вршел притисок за да влијае врз одредени членови на Судскиот совет за смена на еден претседател на суд.
– Со Беџети зборував по повод шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет. Ме интересираше дали има вистина во тоа и му укажав дека не е умесно такво однесување, доколку постои. Секој треба да ја понесе својата одговорност согласно закон, без оглед на функцијата која ја врши. Тоа му го кажав на Беџети, тоа го кажувам и јавно – напиша Заев на Фејсбук.
Вистината за тоа што јас сум разговарал со Беџети како координатор на правниот тим на ДУИ, потенцира, е следна:
Сум зборувал за многу прашања кои се значајни за добивање датум на преговори со ЕУ. Сме зборувале за сѐ уште неизгласаниот закон за јавно обвинителство, за донесените закони за судови и судски совет, но и како да придонесеме донесените закони да се имплементираат, да профункционираат. Со него сум зборувал дека сите учесници во правосудните институции, а избрани во Парламентот, треба да бидат пример за другите учесници во правосудството и да носат одлуки, а не поради какви било изговори постојано да ги одложуваат одлуките.
– И денеска го повторувам ставот дека правната држава можеме да ја добиеме онаква каква што сите ја посакуваме единствено ако овозможиме слободно и независно да одлучуваат сите учесници во правосудството, без да им се прави притисок за суштината на нивните одлуки, но секако и без да им се дозволи или да им се прави притисок за одложување на одлуките. Беџети, политичарите и граѓаните добро знаат дека постојаното одложување на одлуките во судскиот совет, во врховниот суд, во апелационите судови како и во основните судови низ државата се една од најсериозните причини за бавното враќање на правната држава и делењето на правдата. Дополнително, со Беџети зборував и по повод шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет. Ме интересираше дали има вистина во тоа и му укажав дека не е умесно такво однесување, доколку постои. Секој треба да ја понесе својата одговорност согласно закон, без оглед на функцијата која ја врши. Тоа му го кажав на Беџети, тоа го кажувам и јавно, стои во објавата.