Тим од министри и директори бескомпромисно ќе работи во борбата против криминалот и корупцијата

460

Владата на Република Северна Македонија на денешната 149-та седница донесе одлука за формирање на оперативен тим кој преку координиран пристап бескомпромисно ќе работи во борбата против криминалот и корупцијата и кој ќе биде составен од највисоките претставници на институциите од извршната власт. Со оперативниот тим ќе раководи заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Во оперативниот тим ќе членуваат министерката за правда Рената Дескоска, заменикминистерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми, директор на Царинската управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, досегашниот заменик директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Ариф Асани и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски. Со оваа одлука Владата на Република Северна Македонија покажува силна решеност да не запре борбата против криминалот и корупцијата како стратешка определба, информираа денеска од Владата на Република Северна Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...