Поранешниот претседател на Киргистан, Алмазбек Атамбаев, е под истрага за вмешаност во минатонеделното убиство на полицаец, за време на акцијата во неговата резиденција надвор од главниот град Бишкек, јави ДПА.
Атамбаев, кој од 2011 до 2017 година ја предводеше оваа поранешна советска република во Централна Азија, првично се соочи со обвиненија за корупција што се појавија како дел од личното ривалство со неговиот наследник, сегашниот претседател.
Откако Атамбаев минатиот четврток беше притворен, неговите приврзаници почнаа немири и запалија полициска станица во близина на резиденцијата, во градот Ко-Таш, и се собраа во центарот на Бишкек.
Атамбаев е осомничен за вмешаност во поттикнување немири, попречување на правдата, земање заложници, убиство на едно лице и обид за убиство на друго, денеска кажа државниот обвинител Отурбек Јaмшитов, во коментар даден за државните медиуми.
Киргистан во изминатите две децении доживеа две револуции, во 2005 и 2010 година. Атамбаев мирно се откажа од власта на крајот на неговиот шестгодишен мандат.
И Атамбаев и неговиот ривал, актуелниот претседател Соронбај Зенбеков доаѓаат од истата централно-левичарска партија, Социјалдемократи.
Минатиот месец Атабаев побара поддршка од рускиот претседател Владимир Путин на состанокот во Москва. Потоа Путин му изрази поддршка на Зенбеков, пренесе ДПА.