Речиси пет часа обвинителката Лиле Стефанова беше на распит за случајот „Рекет“ во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Таа не сподели информации со медиумите и рече дека сѐ што имала кажала во писмената изјава.
– Сосема сум свесна за огромниот интерес кој го има јавноста за „Рекет“ и сите допирни точки со случајот „Империја“, каде првоосомничениот е сведок во „Рекет“. Сѐ што можев да споделам го споделив во петок во изјавата. Денес од 9 часот до сега во својство на сведок давав исказ и сѐ што ми е познато го изнесов пред обвинител. Имајќи го предвид мојот статус на сведок и тајноста на истрагата не можам да да дадам ниту една друга изјава во однос на она што веќе го имам споделено – рече Стефанова.
Додека таа заминуваше со возилото новинарите инсистираа со прашања, меѓу кои и зошто ако имала несогласувања со Јанева од порано, не кажала уште тогаш. На прашањата поврзани со бизнисменот Ванчо Чифлиганец, таа на заминување прокоментира дека неа никој не ја демантирал. Во една од снимките на „Ла Верита“, бизнисменот Орце Камчев му вели на Боки 13-ка дека Чифлиганец за Стефанова му барал дуќан за стоматолошка ординација.
Стефановa не сакаше да одговaрa на новинарски прашања и рече дека ѝ е жал што толку многу ја чекале.