Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бара Бојан Јовановски Боки 13 и Зоран Милески Кичеец да останат во притвор како осомничени во истрагата за „Рекет“.
Барањето било поднесено во петокот на 9 август.
Од Основниот кривичен суд во Скопје сѐ уште нема одлука за барањето.
Двајцата осомничени завршија во 30-дневен притвор на 15 јули, а мерката истекува утре. Кога им беше определен првиот притвор, обвинителката Вилма Русковска во изјава за медиумите рече дека тој е определен по сите три основи: опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото. Додека тие се во притвор, трае истрагата.
Во моментов обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, сведочи во обвинителството. Нејзиното сослушување трае повеќе од четири часа. Вчера исказ даде нејзината колешка и заменичка на Катица Јанева, Елизабета Јосифоска. На распит треба да се појави и Јанева, но таа сѐ уште не примила официјална покана.