Со неверување ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Никола Јанкуловски ја примил информацијата на Државната комисија за спречување на корупцијата изнесено за судир на интереси.
„Ректорот за да може да биде ректор најпрвин треба да биде професор. За да биде професор на Медицинскиот факултет треба да има двоен работен однос на соодветната клиника и на Медицинскиот факултет. Ова е регулирано со Законот за здравствената заштита, Законот за високото образование, Анексот на Колективниот договор (Службен весник на Република Mакедонија бр. 33/2011), Спогодба помеѓу Медицинскиот факултет и Клиниката за дигестивна хирургија од 21.4.2009 година, и Договорот со Сенатот на УКИМ од 2016 година. Сите професори по клиничките предмети на Медицинскиот факултет имаат двоен работен однос.
Професорите на клиничките предмети согласно наведените прописи земаат една плата од два работодавци, од Медицинскиот факултет и од соодветната клиника. Тоа што ректорот го прима од Ректоратот е само функционален додаток на плата додека ја врши функцијата ректор. Тоа не е плата. Вака било и за сите претходни ректори. На ниеден ректор до сега не му мирувал работниот однос како што бара ДКСК, бидејќи ректорот е раководна, а не избрана и именувана функција како државните функции. Сите ректори на јавните универзитети од Министерството за образование и наука добиваат буџетски средства како додаток (не плата) за вршење на ректорската функција“, наведува Јанкуловски во неговата реакција.