Во Карпош ќе бидат засадени 113 нови, висококвалитетни дрвја на територија на четири урбани заедници: „Владо Тасевски” кај Млечен ресторан, „Тафталиџе 1” , „Карпош 1 “ и во „Карпош 2” .
Ќе се засадат 49 листопадни и 64 зимзелени дрвја, од кои листопадни јасени и ацери, како изимзелени туи и кипарис.
Акцијата почна од Урбаната заедница „Владо Тасевски”, каде што во близина на платото беа засадени дел од новите дрвја од страна на службите на Општина Карпош.
Градоначалникот на Општината, Стефан Богоев посочи дека локалната самоуправа почнува со најавената зелена офанзива за подигнување на меѓублоковското зеленило.
– Идејата за зелен Карпош нема алтернатива. Концентрирани сме на разеленување на маалските катчиња, паркови и површини каде што граѓаните минуваат поголем дел од слободното време. На бетонското сивило одговараме со повеќе зеленило – рече Богоев.
Во изминатиот период, службите на Општината мапираа повеќе критични локации кои ќе бидат оплеменети со зеленило во оваа акција.
Акцијата за засадување на 113 нови дрвја чини 350.000 денари.