Народниот правобранител Иџет Мемети упатува апел до Владата, посебно до Министерството за животна средина и просторно планирање во најкус можен рок да ги интензивираат работите со управување со отпадот, посебно изградбата на регионалните депонии, и со тоа да се спречи понатамошната опасност од загадување на животната средина.
– Последните случувања со опожарувањето на сметот во регионалната депонија Русино крај Гостивар, како и во депонијата Буково крај Охрид укажуваат на тоа колку е значајно решавањето на ова прашање, особено што последиците – загадувањето на воздухот, водата и почвата ќе имаат далекосежни последици не само во тие региони ,туку и во целата држава. Еко системот во никој случај на смее да се гледа како изолиран, туку напротив тој е интегриран, па оттука загадувањето ќе влијае врз сите – се вели во соопштението на омбудсманот Иџет Мемети.
Тој со жалење констатира дека и по три години од неговото истражување за состојбата со депонирањето на отпадот во земјава, констатациите остануваат исти, а ситуацијата на теренот непроменета.
– Локалните депонии, кои во најголемиот дел не исполнуваат ниту еден еколошки стандард, и натаму работат, нема осовременување ниту на двете регионални депонии Дрисла и Русино, а не е отпочната изградбата на ниту една од шесте современи регионални депонии – потенцира Мемети.
Според народниот правобранител, посебно загрижува фактот што на еколошката карта на Европа, Република Северна Македонија го зазема високото прво место по загаденост.
– Владата, која ги презеде ингеренциите од локалната власт во оваа сфера, веќе нема простор за одолговлекување со решавање на ова прашање, затоа што живеењето во здрава животна средина е едно од основните загарантирани уставни права и тоа право на граѓаните никој не смее да им го загрозува – истакнува народниот правобранител.