Османи до Могерини: Доаѓам со добри вести, испорачавме сѐ што ветивме

677

Доаѓам со добри вести од Република Македонија. Онака како што ветивме пред девет месеци, навреме испорачавме реформи во соодветниот период за Извештајот на Комисијата позитивно да го оцени нашиот напредок, и соопштил вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и Потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини, на средбата во Брисел.

На средбата, Османи го презентираше напредокот во имплементацијата на Планот 3-6-9, како и напредокот во отстранувањето на останатите политички пречки на евроинтегративниот пат на Република Македонија.

– Делот три од Планот 3-6-9 го крунисавме со одржување на фер, слободни и кредибилни избори уште во ноември минатата година, што беше потврдено во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, чии заклучоци беа повторени и од страна на Делегацијата на Европската Унија во Македонија – истакна Османи.

Тој додаде дека во изминатиов период Владата изготвила бројни стратегии и суштински реформски закони, кои во транспарентна и инклузивна постапка, со вклучување на мислењата од опозицијата, граѓанскиот сектори и јавноста, во најголем дел се донесени во Собранието на Република Македонија.

– И во овој момент, во овие последни денови, додека го одржуваме овој состанок, во Собранието се носат и последните реформски закони за кои е потребна поддршка од две третини од пратениците и за кои во последен момент се обезбеди консензус за нивно изгласување со опозицијата  – истакна Османи.

Во делот на отстранувањето на политичките пречки, Османи посочи и на донесувањето на Законот за јазиците, како фундаментален но и последен сегмент од легислативниот дел од Рамковниот договор, изразувајќи притоа надеж дека имплементацијата на закон на дело ќе ја демонстрира неговата обединувачка сила во насока на изградба на цврсто, стабилно и просперитетно мултикултурно општество во Република Македонија.

– Остваривме историски напредок и во односите со соседите. Го потпишавме, а потоа и ратификувавме во Парламентот, историскиот Договор за добрососедство со Бугарија, а остваривме и исклучително значаен напредок во комуникацијата со Грција – истакна Османи, додавајќи дека во периодот што претстои, очекува решение и за долгогодишниот спор со Грција, со што ќе се отстранат сите пречки на евроинтегративниот пат на Република Македонија.

Средбата Османи – Могерини се одржува во пресрет на излегувањето на Извештајот на Европската Комисија за состојбите и напредокот на Македонија, кој излегува за неполна седмица на 17 април.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...