За наредната недела е најавено дека специјалните обвинителки Катица Јанева и Лиле Стефанова ќе дадат искази за истрагата за случајот „Рекет“. Тоа веројатно ќе биде добра можност за проширување на истрагата. При тоа, да не заборавиме дека тоа е можност и за проширување на истрагата и во насока на сомнителните договори што невладината организација на осомничениот Бојан Јовановски, Меѓународен сојуз, ги склучила со две приватни фирми, за проект за изградба на старски домови.
Како што е познато, Меѓународен сојуз склучил такви договори со градежните компании „Пелистер“ на Силјан Мицевски и „Дрим билдинг“ на Адријан Амзоски, зет на Фиат Цаноски. Боки 13 презел невозможни обврски да обезбедува парцели и дозволи за градба, за што двете компании, наместо да префрлат пари на сметка на невладината организација (ако веќе така било договорено во спорните договори), тие на луѓе од Меѓународен сојуз (Лилјана Тодоровска и Јасна Мандик) им исплатле авторски хонорари. Така, „Пелистер“ на Лилјана Тодоровска ѝ исплатил хонорар од 720.000 евра, а „Дрим Билдинг“ на Мандиќ 228.000 евра. Тодоровска изјави дека ги подигнала парите, но дека луѓето од Меѓународен сојуз веднаш ѝ ги зеле. Силјан Мицевски засега не си ги бара парите назад, но Амзоски си ги бара и тоа со тужба.
Во единственото јавно соопштение по скандалот, Меѓународен сојуз вели: „Во интерес на остварување на целите, Меѓународен сојуз (МС) стапи во соработка и склучени се договори со две реномирани домашни друштва. На тој начин за прв пат во Македонија е создадено приватно невладино партнерство. Паричните средства пристигнати на сметките на координаторите на проектите се искористени исклучиво за остварување на целите на МС и исполнување на договорите склучени со партнерите“.
Еве, дури и да го прифатиме ова инаку небулозно објаснување, за тоа зошто паричните средства легнале на сметките на „координаторите“ а не на сметката на невладината организација, останува прашањето како можело Меѓународен сојуз на друг начин да ги исполнува обврските од договорите освен преку својата сметка. Како плаќале „координаторите“ за активностите поврзани со договорите? Во кеш? Е дури тогаш тоа би било класично перење пари! Логично е, значи, да се претпостави дека ако Меѓународен сојуз водел било какви активности, за било каков проект, па дури и за голо опстојување без работа на никакви проекти, тоа да го правел преку својата банкарска сметка.
Но, ајде да видиме што се случувало со таа сметка во клучната 2018 година. Поседувам десеттина изводи од таа сметка. Дел од еден од тие изводи изгледа вака (името на банката, бројот на сметката и даночниот број се избришани, од разбирливи причини):
Така, на 19 јануари 2018 година Меѓународен сојуз, на сметката во една наша банка, има 120.700 денари. Сума од околу 2.000 евра е прескромна за една невладина организација подигната со толкава помпа и политичка поддршка, но ајде да речеме дека и таа сума, како за почеток, не е за фрлање.
Веќе на 23 јануари, новата состојба е 166.595 денари. Одлично! Сепак, тоа се пари доволни за одржување на офисот, но пак да речеме, изгледа надежно. Веќе наредниот ден, 24 јануари, од сметката има исплата на една фирма, па состојбата паѓа на 121.550 денари. На 26 јануари е регистриран долг кон едно приватно лице од над 120.000 денари, па состојбата на сметката паѓа на 1.005 денари. Потоа и банката си ја зела редовната провизија и на 1 февруари состојбата на сметката е бедни 705 денари.
Ајде да одиме во друг месец. На 29 април, на пример, состојбата на сметката на Меѓународен сојуз е 1.106 денари. После банкарската провизија, на 1 мај, на сметката на невладината на „кралот“ Боки 13 има само 806 денари.
Да видиме што се случувало во септември, на пример. На 18 септември регистрирана е состојба од 13.906 денари. Каков напредок! Следниот ден, на 19 септември, една адвокатка си лапнала некои 200 евра и состојбата на сметката веќе е само 974 денари. На 1 октомври, пак, банката си ја зела редовната провизија и сега на сметката има само 674 денари.
Што ни кажува сево ова?
Не треба да си голем финансиски стручњак за да сфатиш дека Меѓународен сојуз на осомничениот Бојан Јовановски ништо не работел преку својата сметка. Само банката имала корист од таа сметка. Всушност, ова е доказ дека Меѓународен сојуз е само фасада, зад која се кријат нелегални активности и како што видовме, се вртат илјадници евра. Да ги потсетиме истражителите: само со два договора на соработниците на Бојан Јовановски им се исплатени 1 милион евра, на нивните лични сметки, како авторски хонорари!
Меѓународен сојуз вели дека за ова финансиската полиција водела истрага и не нашла ништо спорно. Можеби е така. А можеби е време и финансиската полиција да си се преиспита во врска со овој случај, а сега, после аферата „Рекет“, истражителите секако мора да се позанимаваат и со невладините на „кралот“ Боки Тредичи. Работите се толку очигледни што веќе не може да се молчи.