Инспекторат на Град Скопје во соработка со МВР, ЈП Комунална хигиена и ЈП Улици и патишта денеска почна голема акција за расчистување на дивата депонија на улица Александар Урдаревски во општина Бутел.
Оваа дива депонија беше лоцирана при вонреден инспекциски извршен на 26 јули. На лице место беше констатирано незаконско депонирање на комунален отпад, градежен шут и земја. За оваа дива депонија за првпат во историјата на Град Скопје е поднесена кривична пријава за неовластено фрлање смет врз основа на Кривичниот законик.
Акцијата на расчистување на дивата депонија и враќање на теренот во првобитна состојба почна денеска бидејќи не се пристапи со извршување на издаденото решение и рокот за расчистување од Градскиот инспекторат, а лицето против кое е поднесена кривична пријава ќе ги сноси трошоците за расчистувањето на дивата депонија.
Засилените контроли на Градскиот инспекторат ќе продолжат и во наредниот период со цел спречување на несовесно постапување со отпадот и создавање на диви депонии кои ја загрозуваат животната средина.