Резултатот е тесен, но победата е убедлива

Но, едно е гласање на доверба во Собранието, а друго е гласање на доверба во јавноста. На трибините пред кои игра тимот на Заев гласни се свирежите и пцостите. Нема таа публика нерви и време да чека гол во 93 минута, од пенал. Сака офанзива, атракција и реализација во регуларниот тек од натпреварот!

3029

Бидна и тоа, се преброивме: 62 пратеници против распуштањето на Владата, 40 за изгласување недоверба, плус нешто отсутни и воздржани.

Тесно е ова мнозинство за Влада со амбициозна реформска агенда. Но, уште е поскромен скорот на опозицијата чии истакнати парламентарци сакаат да раскажуваат наоколу дека, еве, само што не се вратиле на власт. Затоа, резултатов упатува на заклучок дека работите, во догледна иднина, ќе продолжат да си течат според проекциите на власта: додека во Собранието ќе се гласаат закони со и без европски знаменца, а министрите (наскоро реконструирани) и премиерот ќе го зголемат обемот на присутност во јавноста по разни поводи, македонската опозиција главно ќе се занимава со два генерални процеси – судски, проследени со кенкави изјави дека обвинетите се жртви на политички прогон; и оние за зацврстување на власта на Мицкоски во партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно, Села ќе продолжи да мрчи со својата 19-вековна националистичка реторика, додека ДУИ удобно ќе се ниша во власта меѓу привлечноста на пленот и ризикот за големината на поединечните порции при неговата поделба. Човек понекогаш да помисли дека пленот е единственото нешто што ја држи партиската формација на ДУИ заедно – со исклучок кога заради него се убиваат. Просто е неверојатна дискрепанцата на интелектуалниот и професионалниот квалитет, па и бројност, со кој располага „кремот“ на албанската заедница во Македонија и концентрацијата на морално-политички и кадровски неквалитет во ДУИ.

Но, скромноста на бројката од 40-те гласа на опозицијата се и политички аргумент на власта за посамоуверено напредување во разговорите околу проблемот на Грција со нашето име, како и за генералната евро-атлантска агенда на власта. Впечаток е дека тие 40 опозициони гласови во догледна иднина можат да одат само во натамошно осипување, тешко во насока на окрупнување.

Заев не доби којзнае каков комотен маневарски простор после ова преживеано гласање за довербата во него и во неговиот владин Кабинет, но нему мора да му се признае дека и овој резултат ја илустрира неговата ретка сорта, како претставник на еден несекојдневен, ендемски вид во македонската политика: стрпливо, чекор по чекор, со многу такт и отпорност на разновидни политички непогоди, тој во последните три-четири години упорно напредува во остварување на своите цели, процес започнат од речиси безнадежната состојба на длабоко потоната и прогонета опозиција, до тотален пресврт, кога неговата денешна агенда ја диктира насоката на внатрешната и надворешната политика на земјата. По пат, политички го предводеше развластувањето на Фамилијата и нејзиното „паркирање“ во судниците на Скопска Единица, што не може да е резултат само на луда среќа или на странски храбрења и потпомагања (кои, патем, исто така треба вешто да се одработат). Има во тоа една „заевистичка“, победничка супстанца којашто го држи на површината како што рибарската тапа испливува над вода, иако мамецот под површината може да го грицкаат разни сомови и штуки.

Но, едно е гласање на доверба во Собранието, а друго е гласање на доверба во јавноста. На трибините пред кои игра тимот на Заев гласни се свирежите и пцостите. Нема таа публика нерви и време да чека гол во 93 минута, од пенал. Сака офанзива, атракција и реализација во регуларниот тек од натпреварот!

Civil media

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...