Специјалната обвинителка Елизабета Јосифовска за ТВ21 потврди дека таа го потпишала позитивното мислење за да му се одобри времен пасош на осомничениот во случајот „Империја“, Орце Камчев.
Таа објаснува дека во отсуство на шефицата на СЈО, Катица Јанева, која била на одмор, таа ја заменувала и ги потпишувала сите документи.
Јосифовска вели дека мислењето за пасошот на Камчев била одлука на Јанева и како нејзина заменичка била должна да ја потпише.
– Тоа е нејзина одлука изготвена по нејзин налог, јас технички сум ја потпишала под нејзиното име и ние како помошници на специјалниот јавен обвинител не можеме да ги менуваме нејзините одлуки – вели Јосифовска.
Ја прашавме зошто морало таа да го потпишува, а не да се почека Јанева да се врати, Јосифовска ни изјави дека и било речено дека се работи за итно постапување и дека не можело да се чека нејзиното постапување. Но, првично судот го вратил ова мислење. Одлуката за враќање на пасошот на Камчев е донесена кога обвинителката во случајот „Империја“ Лиле Стефанова била на одмор и како што вели за ТВ21, не била известена, а за одлуката дознала од колешката Јосифовска.