Прво, сакам да им се заблагодарам на Британците за Брегзитот. Благодарение на нив, во Франција веќе никој не спомнува „Фрексит“, односно излегување на земјата од Европската Унија. Ама на памет не им паѓа. Ве гледаме вас, Британците, како изгласавте, па потоа се препелкате веќе три години и никако да смислите нешто паметно. И така зборот „Фрексит“ излезе сосема, всушност исчезна од нашиот речник. Брегзит го направи „Фрексит“ невозможен. Вака вели колешката Силви Кауфман од Лемонд за британските случувања по референдумот.
Пред четири години, лидерката на десничарската партија Марин Ле Пен можеше да мавта со искушението „Фрексит“ пред носевите на Французите, ама Националниот Фронт веќе не може да игра на картата дека напуштањето на ЕУ ќе ѝ ги реши проблемите на Франција. Французите прво се воодушевуваа на отпорноста на Тереза Меј, но на крај ја жалеа. Некои од нас, вели Силви, сметавме дека Борис Џонсон е смешен, ама пред неколку години престанавме да се смееме. Џон Беркоу со шарените вратоврски и викањето „ред, ред“ беше добро шоу, но сето ова заврши како претстава со премногу лоши момци, а премалку херои.
Едно време, британскиот парламентарен систем го гледавме како пример, а пратеничките прашања во Долниот дом со завист: за нас, навикнати на полумонархистички претседатели на Републиката, ова беше „ролс-ројс“ на либералната демократија. Сега тој „ролс-ројс“ личи повеќе на количка од луна парк. Знаете, од оние што се удираат едни во други во ограничен простор.
Не е кул, во каша е
Странските новинари што од Лондон со години ги следат настаните во Обединетото Кралство едно време пишуваа за многу настани – премиери, олимпијада, спорт, концерти, театарски претстави, гостувања на познати и славни, книжевни постигнувања и промоции, несекојдневни, оригинални и неверојатни постигнувања, англиски ексцентичности и слично. Но последните две-три години, глава не можат да кренат од Брегзитот. И имам впечаток дека го мразат од дното на душата. Зашто прво, неверојатно тешко е да се објасни во некои делови на светот, второ, со недели, месеци и еве, години, работите се повторуваат, па не е лесно да се биде оригинален, и трето, сакаат или не, принудени се да направат паралела со настаните во сопствените земји, нешто што како дописници од странство, се труделе да го одбегнуваат по секоја цена. Знам по сопствен пример.
За германската колешка од „Ди цајт“, Кнуе Фам, Борис Џонсон е најинтригантниот карактер во целата Брегзит-драма. Правејќи му интервју, таа добила впечаток дека тој е човек без некое цврсто мислење за ЕУ и кој не е заинтересиран за деталите во политиката, што бара напорна работа. Тоа беше потврдено кога тој беше министер за надворешни работи, па чудна работа е колкумина британски коментатори го прифаќаат за премиер. Фам вели дека британската „мека моќ“ почна да се губи, а владата веќе нема моќна улога во европската политика. И германската јавност почна да губи интерес во најновите детали околу преговорите – едно време мислеше дека Британија е многу кул, сега мисли дека е во голема каша.
Изгледа малку диво
Јапонците секогаш ја гледаа Велика Британија како стабилна и суптилно нежна земја. Но сега тоа се промени, прво поради Брегзитот, а потоа и поради подемот на Борис Џонсон и јас сум многу загрижен, вели Нобујуки Сизуки, кој пишува за Токио Шимбун, посебно ако земјата излезе од ЕУ на 31 октомври без договор. Јапонските компании ќе продолжат да се премислуваат за нивните инвестиции во Британија како што тоа веќе го сторија Нисан и Хонда. Јапонските компании инвестираа, зашто Британија беше членка на ЕУ. Но за да се договори нов дил меѓу двете земји ќе треба многу време, што ќе биде тешко за јапонските фирми кои сега работат во Британија.
Излегувањето од ЕУ, со или без договор, е лоша идеја и се надевам дека нема да се случи, вели Шимбун. Тој смета дека гласачите биле под влијание на лажните вести за членството во ЕУ и што ќе значи заминувањето и дека биле излажани оти брегзитот ќе биде лесен. Ги жалам британските гласачи, вели тој, и смета дека тие се жртви на глобализацијата.
Џонсон не се вклопува во стереотипот на англиски џентлмен. Многумина во Јапонија ги потсетува на Доналд Трамп, и физички, и според неговиот политички стил. Џонсон изгледа малку диво и зборува што ќе му падне на ум. Во Јапонија нема такви политичари. Она што го зборува не ги засега Јапонците. Она што им е интересно е што не зборува ниту се однесува како конвенционален политичар.
Јапонскиот премиер Шинзо Абе размислува да свика референдум за ревизија на повоениот устав на земјата за законски да се признаат воените одбранбени сили. Ако Брегзит нѐ научи нешто, вели Шимбун, тоа е дека медиумите треба да сторат многу да обезбедат јавноста да има добро познавање на двете страни од ова прашање. Зашто тука, никој не сака да биде Британец со Брегзит.