Во понеделникот во Куманово е отворена една од најголемите бензински во тој регион, а сопственик на хартија е таткото на Никица Петрушевски, советник за односи со јавност на Оливер Спасовски, посочија од ВМРО-ДПМНЕ изразувајќи сомнеж.
– На свеченото отворање продефилира половина влада, а Спасовски, според објавените слики во медиумите, прошета прв како што вообичаено тоа го прават сопствениците. Каков е уделот на Спасовски во отворањето на овој бизнис останува да се расчисти во периодот што следи. Фирмата на Петрушевски, „Пин петрол“ иако со години воопшто не бележи профит, односно нивниот профит е нула, инвестирала милиони во бензинска пумпа со ресторан, супер маркет, кафетерија и автоперална. Фирмата „Пин петрол“ се разработува единствено кога СДСМ доаѓа на власт – вели Оре Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Истата фирма пред само неколку месеци, посочи тој, добила лиценца за технички преглед од МВР каде синот на сопственикот е советник, а тоа, потенцираат од опозицијата, во секоја друга земја ќе се смета за класичен судир на интереси.
– Но, тогаш МВР реши да молчи и да не одговори на нашите прашања, а антикорупциската реши да замижи и да не го гледа овој скандал. Спасовски тогаш му потпиша на таткото на својот советник дозвола за отворање на технички преглед – рече Ѓорѓиевски.