Американскиот актер и музичар Џаред Лето е во Хрватска, каде што ќе настапи на фестивалот „Mars Island“ кој денеска почнува на островот Обоњан, во близина на Шибеник. Познатиот актер и музичар со бендот пристигнал во Хрватска, што и го потврдил на Инстаграм, каде објавил снимка како шета во природа.
„Тука ми е прекрасно! Уживам и, еве, се запознавам со островот. Едвај чекам да се дружиме. Сега одам да се одморам“, им раскажал, помеѓу останатото, Џаред Лето на своите следбеници додека уживал во заоѓањето на сонцето.
Според пишувањето на медиумите, актерот во Хрватска ќе престојува седум дена, а неговиот бенд „30 Seconds To Mars“ е организатор на овој фестивал. Посетителите два пати ќе имаат можност да го видат и слушнат Лето и неговиот бенд. Билетите чинеле неверојатни 995 долари, па сè до 6.499 долари, каде е вклучено сместување, оброци, концерти, велнес-центаро. Со најевтиниот билет од 995 долари фановите ќе добијат необележан камп-плац, шатор, пристап до заеднички тоалет, а на оние со најскапите билести обезбеден им е личен батлер, а во цената е пресметано и дружењето и фотографирањето со актерот по концертот.
Фестивалот ќе трае до 12 август.
ФОТО: EPA / NINA PROMMER