Кој е опфатен во истрагите за кои Јанева барала да се запрат и да не одат во затвор?

5254

Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, во својата официјална писмена изјава директно пишува за несогласувања со шефицата Катица Јанева. Иако таа пишува за несогласувања од декември лани, дел од нив првпат ги кажува јавно сега кога топ тема во јавноста е аферата „Рекет“.

Во еден дел од изјавата, Стефанова споменува состанок одржан во канцеларијата на Јанева на 16 април 2019 за предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Станува збор за случаи кои, според обвинителката, шефицата на СЈО барала да бидат затворени, а осомничените да не одат во затвор.

„Конкретно, ни беше наложено, најкасно до 06 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предметa кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите ‘да бидат тука затворени’ и осомничените ‘да не одат во затвор’. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот ‘Империја’ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период“, посочува Стефанова во изјавата.

Кои се обвинетите во двата предмета?

Станува збор за случаи за финансиски криминал чии истраги СЈО ги отвори во временски интервал пократок од еден месец. „Поштенска банка“ беше отворен на 13 октомври 2018, а на 9 ноември 2018 случајот „Империја“.

Во првиот се споменуваат и двајца поранешни премиери, но тие не се на списокот осомничени. Предметот се однесува на формирањето на „Поштенска банка“ од страна на државната „Македонска пошта“ и приватни лица. Во соопштението СЈО ги наведе Љубчо Георгиевски во својство на премиер во 2001 година, Никола Груевски како министер за финансии и Марјан Ѓорчев како вицепремиер во тоа време. Но, поради застареност на делото злоупотреба на службената полжба, тие отпаднаа од списокот осомничени, кој остана со девет лица:

Томе Главчев, сопственик на фирмата „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија. Главчев е инаку сопственикот на станот кој не беше замрзнат од СЈО и беше продаден на доскорашниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски; Ратко Димитровски – сопственик на печатницата „Европа 92“ Кочани; Коле Смилевски – генерален директор на Поштенска банка; како и Зоранчо Митровски, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев кои за тој период СЈО ги наведе како управителите на друштвата „ГД Тиквеш“ АД Кавадарци, „ГП Бетон“ АД Тетово, АД „МИК“ Кавадарци, „Венгал“ АД Скопје, „Езимит Груп“ ДОО Штип и АД „Жито Скопје“ – Скопје.

Во случајот „Империја“, пак, на списокот на СЈО се најдоа 13 лица, исто така за финансиски криминал, кој според СЈО бил направен од 2002 до 2013 година.

Во фокусот на овој предмет се најдоа бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Меѓу осомничените се и директорите на ЗК Пелагонија и „Ексико“ Цветан Панделески односно Тодор Мирчевски, соработникот на Камчев – Ненад Јосифовиќ, сметководителката и правничката во неговите фирми Зорица Арсовска односно Лилјана Гајдовска, како и мајката и сестрата на Камчев, Ратка Куновска Камчева и Христина Камчева Стојческа, кои се дел од неизвршни членови на одбор на директори во „Орка ходинг“ односно „Жито Полог Тетово“. Списокот од осомничени во „Империја“ СЈО го дополнува и со: Ванче Мијалчев од „Бетон Штип“, Владислав Стајковиќ кој е ексдиректор на „Финзи“ и на „Мобико“; Дејан Јанев од „Инвест“ и Јованче Тасковски од ДИС – Архивирај ДОО Скопје.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...