Весникот „Ла верита“ објави и подолга снимка од неколку разговори меѓу Бојан Јовановски – Боки 13 и бизнисменот Орце Камчев.
Во неа се слуша како Боки 13 во детали ги објаснува чекорите како ќе постапи Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во врска со случајот „Империја“ во кој беше осомничен и Орце Камчев.
Во овие снимки се слуша и сумата од 8 и 5 милиони евра за која дека е договарана, обвинителката Вилма Русковска јавноста ја извести кога го отвори случајот „Рекет“.
Јовановски зборува за три опции.
– Овие три лица со кои што јас договарам, преговарам и ќе се договорам или нема да се договорам. Доколку продолжи СЈО да го работи предметот првата ставка ќе биде укинување на мерката куќен притвор по основи кои што ќе ви ги кажам и датум на којшто ќе ви го кажам. Истиот момент или недела дена или 10 дена подоцна со некакви договори со странски компании што он ги има ќе биде вратен пасошот. Следниот чекор е или истиот момент, што не верувам лично, или подоцна ќе биде вратен пасошот – му вели Боки 13 на Камчев.
Во еден дел од разговорот Боки 13 зборува во шифри – една цигара или две цигари, а ја споменува и обвинителката Лиле Стефанова која го води предметот „Империја“.
– Доколку се случи таа опција да се настапи со заеднички предмет, ако треба да се даде цела кутија, тоа ја убедува Лиле Стафанова, ќе се дадат две цигари. Една цигара пушиме ние – вели Боки објаснувајќи една опција која била претходно договарана.
Во разговорот Јовановски открива и дека Јанева, како и другите обвинители, оди еднаш неделно да пука на Камник како дел од нејзината работа.