Опозицијата десет пати ќе зборува за избори, само да го избегне клучниот предизвик како да обезбедиме сите да одговараат за криминал и да се донесе законот за јавното обвинителство, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарското прашање за став за терминот на парламентарните избори, при денешната посета на прилепски „Еурокомпозит“.
Според неа, прво е битен консензусот за законот ја јавното обвинителство, особено што опозицијата, вели таа, се декларира дека е за ЕУ и НАТО.
– Мене едно ми е јасно, дека опозицијата не бара избори, туку сака да избегне дискусија, гласање, поддршка на закон кој ќе гарантира борба со криминалот и со корупцијата. Десет пати ќе зборуваат за избори, само да избегаат од клучниот предизвик, а тоа е како да обезбедиме да одговараат сите кои направиле криминал. Затоа ни е неопходна измена во Законот за јавното обвинителство, за што и тие, опозицијата, се обврзани да дадат поддршка. Партија која не се бори против криминалот и корупцијата, нема што да бара на избори. Очекуваме дека овој приоритет, кој е клучен за граѓаните и тие го бараат, е првото прашање околу кое ќе постигнеме консензус. Не може партија во опозиција да вели дека бара, се залага и поддржува членство во ЕУ и во НАТО, а со секоја одлука и со секое однесување да прави илјада пречки. Ако се за ЕУ, еве ја шансата во септември тоа и да го докажат – да гласаат за закон за јавно обвинителство и да покажат дека прекинале да ги поддржуваат криминалот и корупцијата – рече Шекеринска.