Македонскиот фудбалски репрезентативец Илија Несторовски денеска беше промовиран како фудбалер на Удинезе. 29-годишниот фудбалер потпиша тригодишен договор со „црно-белите“ а пред новинарите сподели дека очекува одлична сезона.
– За мене да се биде дел од Удинезе е голема чест и голем чекор напред во мојата кариера. Ќе се потрудам со добри игри и голови ќе му се оддолжам на клубот за укажаната доверба. Мислам дека имаме супер тим и сме посилни од претходно. Искрено, очекувам одлична сезона – изјави Несторовски на прес-конференцијата.
Репрезентативецот изминативе години често се поврзуваше со враќање во Серија „А“ но дури ова лето се реши за нов предизвик.
– Останав две години во Серија „Б“ бидејќи сакав да помогнам Палермо да се врати во Серија А. Точно знаев што треба да сторам кога ми се јави Удинезе, веднаш стана мој прв избор и покрај тоа што имав други понуди. Ова го сметам за голем скок во мојата кариера – додаде напаѓачот.
Несторовски веќе дебитираше за Удинезе, а постигна и два гола на меч против италијански четвртолигаш.