СЈО: Снимката потврдува дека „Рекет“ нема врска со нас!

6365
20160328 Monday specijalno javno obvinitelstvo katica janeva fatime fetai

Во врска со снимката поврзана со случајот „Рекет“ која што ја пренесоа повеќе медиуми, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) соопшти дека со неа „недвосмислено се потврдува дека нема конекција помеѓу изреченото на снимката и предлозите кои што се носени од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и одлуките на судовите“.

Како што се наведува во соопштението објавено на веб-страната на СЈО, на 6 февруари 2019 година ова Јавно обвинителство до Апелационен суд Скопје поднесе предлози за продолжување на мерката куќен притвор за трите осомничени лица. Постапувајќи по тие предлози Апелациониот суд Скопје на 7 февруари 2019 година донесе решенија за продолжување на мерката куќен притвор во времетрање од 30 дена.

Потоа, како што се посочува, против решенијата на Апелациониот суд Скопје трите осомничени лица упатиле жалби до Врховниот суд.

„По повод изјавените жалби, ова Јавно обвинителство на 21 февруари 2019 година до Врховниот суд достави предлози, жалбите да се одбијат како неосновани и да се потврдат решенијата на Апелациониот суд за продолжување на мерката куќен притвор. Врховниот суд, и покрај ваквите предлози на ова Јавно обвинителство, на 4 март 2019 година донесе решенија со кои се уважени жалбите на трите лица, решенијата на Апелациониот суд Скопје се преиначени и е укината мерката куќен притвор“, се посочува во соопштението од СЈО.

Од таму потенцираат дека „наспроти сите мислења дадени од страна на ова Јавно обвинителство да не се укинат мерките притвор за овие лица, Врховниот суд одлучи спротивно на тие мислења“.

„Се надеваме дека ова појаснување ќе ги запре сите шпекулации за поврзаноста на ова Јавно обвинителство со случајот ‘Рекет’“, се вели во соопштението од СЈО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...