Павловска: Моите дела красат домови и институции низ целиот свет

460

Во културниот парк во Бујукчекмеџе, Истанбул, на 20-от интернационален културен и уметнички фестивал, годинава се претставија 1.600 претставници за култура и уметност од 72 земји. Претставник на нашата земја беше уметницата Валентина Павловска, која изработува филиграни од срма. И додека филигранот е една од најстарите уметнички форми, која со векови се користи во Македонија, филигранот од сребрен конец е понова техника.

На Фестивалот во Бујукчекмеџе, кој се одржа од 26. јули до 3. август, Валентина се претстави со 15 дела кои ја отсликуваат македонската традиција и фолклор.

– Реакцијата од посетителите беше повеќе од позитивна, речиси сите отворено и искрено го покажуваа своето воодушевување бидејќи не се сретнале со таков вид на уметност. Многумина мислеа дека станува збор за изработка од сребро и беа изненадени дека такво нешто може да се изработи од срма. Бидејќи станува збор за ретка уметност интересот беше голем. Странците знаат исклучително да ја почитуваат рачната изработка, особено делата што ја прикажуваат традицијата на одреден народ – вели Валентина.

Недостигаат ли ваков тип на фестивали во Македонија каде ретките уметности и занаети би можеле да се промовираат?

– Во Македонија воопшто нема фестивали каде можат да се промовираат ретките уметности. До пред три години постоеше фестивалот „Балканска колонија на ракотворци“, организирана од граѓанското здружение „Астерион 5“ од Битола, но, за жал, не по нивна вина, и тој единствен фестивал згасна.

Појавата на изработка на филигран наместо од сребро, од сребрен конец, срма, е понова техника. Кои се предностите на оваа техника во споредба со традиционалната?

– Со традиционалниот начин од сребро може да се изработи само накит, додека со срмата нема никакви ограничувања. Може да се изработи буквално сè, најразлични теми.

Имате ли претстава колку уметници го практикуваат овој занает кај нас?

– Филигранот од срма е редок вид на уметност, но секојдневно се појавуваат нови лица кои сакаат да се обидат во оваа техника. Но, уметници кои вистински се занимаваат со оваа техника нема многу, околу десетмина.

Дали филигранскиот занает е во изумирање?

– Филигранот беше уметност во изумирање, но од пред 15 години се врати на „голема врата“. Многу млади луѓе покажуваат интерес да ја изучуваат оваа техника.

Со изработка на филиграни од срма се занимавате десетина години, од кого вие го учевте овој занает? Лесно ли е да се совлада?

– Да се изработи филигран од срма не е воопшто лесно, потребно е големо трпение, познавање на многу области за да може на вистински начин да се прикаже темата, а пред сè многу љубов кон филигранството. За овие десетина години со многу труд ги совладав сите препреки. Секогаш се обидувам да вметнам нешто ново, уникатно и постојано се надградувам. Сепак, ако нешто се работи со многу љубов, не е тешко.

Кога ќе се спомне филигранот од срма првата асоцијација е пеперутката, зошто пеперутка? Која е врската и симболиката на пеперутката со ова поднебје?

– Најобработуваната тема во филигранството е токму пеперутката. Симболиката во филигранството е многу важна, а пеперутката е симбол за радоста на животот, за преобразување кон поубави нешта.

Во кои македонски уметници, мајстори и дела најмногу ја наоѓате инспирацијата за изработка на ваше уникатно дело?

– Мојата инспирација отсекогаш била од охридските филигранисти. Не може, а да не се спомне, легендарниот филигранист Вангел Деребан кој ги има изработено најубавите брошеви – пеперутки.

Каде сè низ светот „прошетале“ вашите филиграни?

– Моите дела красат домови и институции низ целиот свет, на сите континенти. Особено сум среќна кога ќе ми дојават во која земја „слетала“ пеперутката. Секогаш има интересни приказни и случки.

Дали странците повеќе ги ценат овие изработки, подготвени да ги купат, отколку домашните?

– Не би можела да издвојам кој повеќе ги цени моите изработки. Странците се заинтересирани, но и во нашата земја постојат многу луѓе што ја почитуваат оваа уметност, особено младите кои патуваат низ светот, тие секогаш сакаат да ја прикажат македонската традиција, што е за почит.

Мајка сте на четири деца, имате ли наследник меѓу нив?

– Горда мајка сум на три сина и една ќерка. Сите четири деца ја сакаат и ја почитуваат уметноста, но единствено ќерката посака да ја научи оваа преубава техника. И може да потврдам дека нејзините филиграни веќе ја надминаа мојата прецизност и креативност.

Планирате ли наскоро самостојна изложба? 

– Долго време ме поттикнуваат и прашуваат кога ќе имам самостојна изложба. Во план е, и се надевам, дека до крајот на оваа година ќе успеам да ја реализирам како резултат на десетгодишното творештво.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...