Реал Мадрид обезбеди место во полуфиналната фаза на Лигата на шампионите, откако во драматичниот натпревар вечерва на „Сантјаго Бернабеу“ загуби од Јувентус со 1:3. Пеналот што го реализираше Кристијано Роналдо во 93. минута беше доволен за вкупна победа со 4:3.
Јувентус беше на чекор да направи сензација откако ја неутрализира предноста од трите гола на Реал од Торино и да се избори за продолженија во кои можеше да се надева за пласман во полуфиналето.
Марио Манџукиќ во втората и во 37. минута беше стрелец за водство од 0:2 во првото полувреме, а во 61. минута Матуиди го постигна третиот гол за Јувентус.
Во судиското продолжение Бенатија направи прекршок врз Васкез, а судијата Мајкл Оливер покажа на белата точка, а по бурната реакција на Буфон му даде црвен картон.
За Јувентус бранеше Војчех Шчесни, но Кристијано Роналдо беше прецизен во изведувањето на пеналот.
Баерн Минхен се пласираше во полуфиналето со реми без голови на реванш натпреварот против Севиља кој се одигра на „Алијанц арената“.
Победата од 1:2 на првиот натпревар беше доволна за тимот од Минхен да обезбеди место меѓу четирите најдобри во Европа.