Скопскиот Кривичен суд го одби барањето на Обвинителството за притвор за поранешниот в.д. директор на Централен регистар, Андреа Поповски, кој вчера беше приведен поради сомнеж дека ги злоупотребил службената положба и овластувањата со вработување партиски кадри.
„Судија на претходна постапка го прифати предлогот на одбраната на лицето кое беше спроведено во Основниот суд Скопје 1 по пријава на Финансиската полиција, за определување гаранција со мерка за претпазливост. Согласно член 146, став 1, точка 2, 3 и 6 одреди обврска лицето да се јавува во Судот, привремено одземање на неговата патна исправа и забрана за воспоставување контакт со одредени лица поврзани со кривичното дело“, информираат од Кривичниот суд.
Останатите четворица вработени, од кои тројца од Одделението за човечки ресурси на Централниот регистар и едно одговорно лице за работењето на Регионалната регистрациона канцеларија – Скопје, пак, се осомничени дека со умисла му помогнале на в.д. директорот во извршувањето на кривичното дело.