Ново судење на Заев за „Поткуп“, ќе се пушти ли снимката од ПИ-мерките?

879

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи ново рочиште за случајот „Поткуп“ во кој обвинет е премиерот Зоран Заев дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов – Сачавалиев за да му легализира градежно земјиште.

На минатото рочиште сведочеше Сачавалиев кој кажа дека Заев му барал триста илјади евра поткуп или по три евра повеќе за секој квадрат за земјиште од 100.000 квадратни метри .Едно евро за Заев, едно за црквата, едно за партијата СДСМ. После тие 300.000 ги намалил на 200.000 односно само две евра поткуп за секој квадрат од кои едно за црквата друго за Заев.

Сачавалиев во сведочењето од неколку часа рече и дека работел според инструкциите од обвинителството, а Заев во изјава за медиумите потоа рече дека на рочиштето можело да се види оти единствениот сведок бил инструиран од полицијата и обвинителството.

На минатото рочиште требаше да се гледа и снимката, но обвинителството повторно инсистираше јавноста да не ја гледа снимката и побара од судот писмено да им достави одлука на странките за тоа дали јавноста може да присуствува за потоа да може да поднесе жалба.

Заев и неговите адвокати инсистираа новинарите и останатата јавноста да бидат присутни во судница кога ќе ја пуштат снимката за да можат граѓаните да имаат свој впечаток за тоа што се случувало и за што всушност се разговарало.

Судијата Дарко Тодоровски рече дека судечкиот совет не ја гледал снимката, прво ќе ја гледа па потоа уште еднаш ќе одлучи дали јавноста ќе биде присутна во судницата кога ќе се гледа снимката.

Дел од снимката беше објавена во 2015-та кога Заев јавно ги објавуваше „бомбите“, ноќта кога беше организирано објавување на разговорите во Универзална сала. Заев од тогаш тврдеше дека снимката не е целосно објавена и е извадена од контекст.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...