Наместо 870 метри нов асфалт на една делница од патот, санирани се над 2 километри на најоштетените места. Направено е максимално што се може за тие пари.
Ова е објаснувањето што го добивме од кратовскиот градоначалник Љупчо Бојаџиев, во врска со нашиот напис „Клетото патче и скромниот кратовски градоначалник“.
Во написот, да потсетиме, се укажува на фактот дека општина Кратово договорила реконструкција на 875 метри од патот, со битумизиран слој, да постави банкини, да изврши асфалтирање на ударните дупки и слично. Сето тоа во вредност од околу 2 милиони денари. Јавниот повик и договорот меѓу општината и изведувачот на работите, се разбира, ги поседуваме. Работата не е завршена според договорот.
Но, ако добро разбираме од демантот на градоначалникот Бојаџиев, постапено е поинаку – со истите пари се санирани најоштетените места на 2 километри од патот. По смс порака од градоначалникот добивме вакво објаснување:
– Почитувајќи ги строгите критериуми при објавените повици за апликација со проекти (дистанца, локација, скромни средства), а имајки ги предвид заедничките интереси на населението за решавање на инфраструктурни проблеми, се анализира колкави се приоритетите на најруинираните сегменти и бројот на популација која ќе биде консумент на реализираното. Со скромни средства да се обезбеди бенефит за поголема бројка граѓани и од поширок интерес. Вештината на менаџирањето со скромните буџети е токму таа, рационално трошење на секој денар и ставање во функција на поширок опфат на корисници. Инаку, желбите се едно, а можностите се скромни.
Како потврда на она што е сработено, од општина Кратово ги добивме следните фотографии:
Останува на кратовчани да одлучат дали градоначалникот постапил правилно кога решил вака да ја „изменаџира“ работата и за истите пари да сработи нешто друго, нешто што сметал дека е подобро и попаметно.
Општината ни испрати и видео за отчетот на локалната самоуправа. Иако не е вообичаено, не ни пречи да го објавиме и малку да му направиме бесплатна реклама на Бојаџиев: