Фондот за здравствено осигурување информира дека интензивно презема соодветни активности и мерки за укинување на квотите на сите аптеки и за воведување нови контролни механизми при пропишувањето на лековите на рецепт на товар на Фондот во ординациите, како и за нивното подигнување во аптеките со увид во личниот документ за идентификација (лична карта или пасош) на лицето кое го подигнува лекот.
„Лекот на рецепт во аптеката осигурено лице може да го подигне само доколку се идентификува со лична карта односно пасош. Во случај кога осигуреното лице од здравствени или други причини не е во можност лично да го подигне лекот во аптеката, лекот на рецепт во негово име може да го подигне друго лице кое треба да се идентификува со своја лична карта, односно пасош“, наведуваат од Фондот.
Фондот за здравствено осигурување работи на намалување на ризикот од можни злоупотреби и од нерационално пропишување и користење на лековите со воведување на дополнителни процеси, апликации и контролни механизми.
Сите овие заложби треба да овозможат достапност на лекови на рецепт во текот на целиот месец, а не како досега, кога заради исполнетите квоти по одреден ден во месецот, аптеките остануваа без лекови за осигурениците.
Моделот на аптеки без квоти започна со примена како пилот проект во месец август 2019 година во 43 аптеки кои се лоцирани во туристичките центри на територијата на подрачните служби на Фондот во Гевгелија, Охрид, Ресен и Струга и тоа во следните места: Нов Дојран, Охрид, Пештани, Крани, Царев Двор, и Струга.
До моментот на целосно укинување на квотите на сите аптеки, во месец август во овие пилот аптеки издавањето на лековите на рецепт ќе се врши како и досега.