Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски денеска соопшти дека во нашата земја, во моментов, нема „африканската свинска чума“, но се спроведуваат превентивни мерки.
– Во комуникација сме со Ловечката федерација, со инспекторите од АХВ, а утрово со директорот на АХВ Зоран Атанасов имавме состанок на оваа тема. Тие имаат обезбедено доволен број маркици бидејќи ова е состојба во која и застреланите диви свињи ќе треба да се обележат затоа што се земаат анализи за да се види каква е состојбата и да се следи – рече Димковски, одговарајќи на новинарско прашање.
Димковски информира дека вчера разговарале со еден од директорите на ЈП „Национални шуми“ за ловиштата што немаат концесионер или онаму каде е одземено концесионерството, од некои причини.
– Тие концесионерски ловишта се додадени на управување на „Национални шуми“, така ловните дозволи ќе бидат издавани и од страна на „Национални шуми“ – рече Димковски во МЗШВ.
Министерот Димковски потсети на мерките што веќе се спроведуваат, како засилени контролите на граничните премини, не смее да се внесуваат преработки од месо и сувомеснати производи што содржат месо од свињи. Доколку се најдат, овие производи се одземаат и се уништуваат на депонијата „Дрисла“.
Информира дека веќе разговараат со АХВ за да се внимава особено на паркинзите.
– Во летниот период има туристи, кои ќе застанат на паркинг, можат да користат вакви намирници и потоа ги оставаат во контејнер. Се работи на една таква организација. Правиме се, земајќи ги искуствата од државите каде веќе се појавила болеста – рече Димковски, додавајќи дека сите институции се алармирани и желбата и намерата е оваа болест да не се појави кај нас.
Министерот за земјоделство соопшти дека не очекува драстично зголемување на цената на свежо свинското месо, туку можно е меѓу потрошувачите помалку да се користи овој вид месо. Изрази уверување дека е безбедно свинското месо во нашата држава.