За неверување е дека премиер не знаел со кого министрите и градоначалниците, па дури и самиот тој потпишувале меморандуми за соработка, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ во однос на случајот „Рекет“ и првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13.
– Тој човек без поткрепа од власта не можел да изнудува пари за кои што е осомничен. Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Фросина Ременски, Костадин Костадинов на еден или друг начин се поврзани со милионскиот рекет. Половина влада и СДСМ се членови на Меѓународниот сојуз на Јовановски преку кој што се вршени злоупотребите и е собиран рекетот. Јавното обвинителство покрај проширувањето на истрагата кон Јанева, која според изјавите на Русковска била алатката со чија помош е вршен рекетот, мора да ја прошири истрагата и да ја испита поврзаноста на Заев, на Шекеринска, на Ременски, и на Костадинов и другите со милионскиот рекет – вели портпаролот на опозицијата Наум Стоилковски.
Тој наведе дека во бекграундот на Боки 13 има неколку пресуди за финансиски измами и тоа: за измама од 50 илјади евра во 2010; претходно за 2,5 илјади евра земени со измама во Радовиш; невратени 7 илјади евра на госпоѓа од Скопје; за неплатен луксузен престој во хотел во Белград на име на „хуманитарна организација“; за носење скоро 10 илјади евра во готово преку граница.
– Неговите делувања и доживувања се општо познати, не се тајна. Заев и сиот општествено државен врв околу него морале да знаат со кого склучуваат меморандуми, со кого соработуваат. Граѓаните не се ниту наивни, ниту глупи, да поверуваат дека Заев и тие околу него ништо не знаеле и дека биле измамени. Уште помалку Катица Јанева можела да биде измамена и злоупотребена. Под своја команда го има сето СЈО, обвинители, истражители и правосудна полиција во состав од вработени од БЈБ, УБК, УЈП, Централен Регистар, Финансиска полиција, Царина и Управата за финансиско разузнавање. Заев, Шекеринска, Ременски, Костадинов и Јанева, па и самата Русковска знаеле дека Јовановски е криминалец. Па оттука се поставува прашањето, зошто ако немале ист интерес, тие постојано се околу него? – праша Стоилковски.