Досетливите свадбари со огномет го прекриваат звукот од пиштоли, приведен гостиварец

188

Жител на гостиварското село Беловиште е приведен и се соочува со пријава поради неовластено приредување огномет на свадбена веселба.

Од СВР Тетово потврдуваат дека синоќа околу 22.50 часот, во Полициската станица Гостивар бил приведен М.Б. (49) од гостиварското село Беловиште поради неовластено приредување огномет и нарушување на јавниот ред и мир.

На М.Б, пред чија заедничка куќа со неговиот брат, кој организирал свадбена веселба, одземени му се повеќе парчиња разновидни пиротехнички средства. Случајот се расчистува и против М.Б. ќе следува поднесок.

Полицијата дополнително ќе испитува дали покрај огнометот имало и пукање од огнено оружје.

Летово е забележано дека досетливите свадбари го користат пиротехничкото шоу за да го прикријат звукот од пукотниците од пиштоли и пушки.

Појавата на неовластено пукање и приредување огномети за време на свадбените веселби е зачестена во летниот период. За да се справи со неа, СВР Тетово најави „нула толеранција“ и децидно спроведување на законските одредби против лицата кои ќе се фатат за оружје.

– Освен што е нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување општа опасност, за жал, летово имаше и инциденти кои резултираа со 4  зповредени лица, 2 во Тетово и 2 во гостиварско Чајле – рече за МИА, Марјан Јосифоски портпаролот на СВР Тетово.

Од 1 јануари до 31 јули годинава, на подрачјето на СВР Тетово биле регистрирани вкупно пет случаи на неовластено пукање со огнено оружје и пиротехнички средства на свадбени и други семејни веселби. Два од нив биле „предизвикување општа опасност“ и се во фаза на расветлување, едниот во Тетово и вториот во Камењане.

Еден случај е евидентиран како нарушување на јавниот ред и мир со пукање од огнено оружје и веќе е поднесено барање за поведување прекршочна постапка. Во преостанатите два случаи неовластено се користела пиротехника и сигнален пиштол и се во фаза на целосно заокружување со соодветни поднесоци.

Пукањето од огнено оружје на свечености е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и се казнува со глоба 200 до 500 евра.

Во случаи со повредување и ранување тоа може да се третира и како кривично дело „предизвикување на општа опасност”, кое се санкционира со затворска казна од една до пет, односно 10 години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...