Првпат во Македонија успешно се изведе една од најтешките и најкомплексните операции на срце кај деца, соопшти Клиничката болница „Жан Митрев“.
Новороденото дете од 2,9 кг е дијагностицирано на Клиниката за педијатрија и веднаш упатено во Клиничката болница „Жан Митрев“ како итен случај.
После соодветна подготовка, штотуку родениот мал пациент вчера беше успешно опериран.
Од Клиниката објаснија дека се работи за т.н. тотална транспозиција на главните крвни садови, една од најкомплексните аномалии на срцето, со која сите крвни садови излегуваат обратно од срцето, со што крвта циркулира во обратен правец. Овие деца се сини и поради недостиг од кислород умираат набрзо после породувањето.
Операцијата ја извршил акад. д-р Жан Митрев и целата оперативна подготовка, анестезијата, кардиоперфузијата, инструментарките, како и комплексното постоперативно водење била од лекарите и персоналот на Клиничка болница „Жан Митрев“.
– Мора да се напомене, дека во овој комплексен исклучително тежок оперативен зафат немаше ниту еден странец или советник на ниедна позиција. Со оваа операција и „стариот“ тим и „новиот“ – дојдените од државната клиника, покажаа голема зрелост за вакви подвизи во медицината и покажаа, дека веќе се „еден тим“! – наведуваат од Клиничката болница „Жан Митрев“.