„Комунална хигиена“- Скопје воведе ГПС-систем со којшто ќе врши надзор на движењето на сите специјални комунални возила за собирање и транспорт на отпадот, на потрошувачката на гориво, а преку сензори на контејнерите ќе се утврдува колкава е моменталната исполнетост на нивниот капацитет.
Ова, како што соопштија од „Комунална хигиена“, ќе придонесе за намалување на потрошувачката на гориво и навремено празнење на контејнерите.
– Очекуваме големи придобивки од воведувањето на овој систем за надзор на собирањето и транспортот на отпадот, најмногу преку увидот во движењето и локацијата на возилата, како и потрошувачката на горивото. Особено е значајна можноста сензорски да се утврди дали еден контејнер е целосно или делумно исполнет со отпад и во согласност со тоа да се испланираат активностите на екипите на Претпријатието – вели директорот на „Комунална хигиена“- Абдусамед Шабани.