Македонија пристапува кон Сингапурската Конвенција за медијација

104

Министерката за правда Рената Дескоска ќе ја потпише Сингапурската Конвенција замедијација во име на Владата на Македонија на 7 август во Сингапур, каде ќе се сретнат високи официјални претставници од повеќе од 50 земји за поддршка и потпишување на новиот меѓународен договор за медијација.

Потпишувањето на оваа конвенција е историски настан кој ќе донесе бројни придобивки за странските инвеститори и компаниите преку алтернативното, вонсудско разрешување на меѓународните трговски спорови.

Досега, спогодбите со коишто се решаваа меѓународните трговски спорови, а кои беа постигнати по пат на медијација – немаа заштитен механизам и гаранции за прекугранично спроведување. „Конвенцијата на Обединетите нации за Меѓународни договори за спогодување, што произлегуваат од медијацијата“, позната како Сингапурската Конвенција за медијација, ќе обезбеди прекугранично спроведување и почитување на спогодбите постигнати по пат на медијација, ќе им овозможи на компаниите и меѓународните инвеститори поголема правна сигурност која ќе ја зголеми меѓународната трговија.

Конференцијата и Церемонијата за потпишување за Сингапурската Конвенција се во организација на Министерството за правда на Сингапур и Комисијата на Обединетите нации за меѓународно трговско право (UNCITRAL), и претставуваат дел од низата поврзани настани што ќе се одржат за време на Неделата на Конвенцијата во Сингапур од 2 до 8 август 2019 година. На конференцијата ќе се дискутираат теми поврзани со меѓународното трговско право и решавањето спорови, унапредувањето на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите и иднината на меѓународното решавање на спорови.

Министерката за правда ќе има учество и свое обраќање во рамки на тркалезната маса насловена како „Градење доверба, овозможување меѓународна трговија“. На оваа тркалезна маса, министрите и високите претставници ќе разговараат за тоа што можат да направат владите за градењето на довербата среде глобалните неизвесности, важноста на мултилатерализмот и меѓународното владеење на правото, како и придонесот на Сингапурската конвенција за медијација.

Свеченото потпишување на Сингапурската Конвенција и Конференцијата ќе се одржат на 6 и 7 август. Со свое обраќање, конференцијата ќе ја отворат премиерот на Сингапур, Ли Сјен Лунг и Стивен Матиас, помошник генерален секретар за правни работи на ООН.

Конвенцијата беше усвоена со консензус во Генералното собрание на ООН на 20 декември 2018 година. Тоа ќе биде првиот договор на ООН што ќе го носи името по Сингапур. Листата на потписници говори за значајноста на оваа конвенција: САД, Кина, Јапонија, Турција, Индија, Швајцарија, Австралија, Иран, Катар и други.

Целосниот текст на Сингапурската Конвенција е достапен овде.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...