Сите пациенти кои не се во можност лично да отидат во аптека од здравствени причини, тие ќе можат како и досега да ги подигнат лековите преку членовите на нивните семејства, посочува министерот за здравство, Венко Филипче, по укинувањето на квотите за лековите во туристичките места и по информациите дека само пациентите лично ќе можат да ги подигаат.
Квотите за лекови од денеска се укинати во туристичките места: Охрид, Струга, Ресен, Дојран и Гевгелија, а од наесен се најавува и во цела држава.
– Начинот на издавање на лековите останува ист како и до сега. Укинувањето на квотите во аптеките во туристичките региони е првиот чекор кон целосно укинување на квотите, кое треба да се спроведе во целост најдоцна до октомври 2019 година. Лекови без квоти, континуирано, во било кој ден од месецот е стратешкиот план на Министерството за здравство – вели Филипче.