Романтичната комедија „Како да изгубиш момче за 10 дена“ (How to Lose a Guy in 10 Days) со Кејт Хадсон и Метју Меконахи во главните улоги, станува серија, пренесуваат американските медиуми.
Серијата ја развива новата стриминг платформа „Quibi“, а сценариото е на Гај Бранум.
„„Quibi“ и „Paramount“ се согласија да ме пуштат да ја напишам „How to Lose a Guy in 10 Days““, напишал Бранум на Твитер.
Приказната за серијата сè уште не е позната, но постои можност дека повторно ќе ја гледаме Хадсон во улога на Енди Андерсон и Меконахи како Бенџамин Бери.
Романтичната комедија од 2003 година го прикажува Бери, извршен директор на маркетинг компанија, кој се обложува со својот шеф дека може да ја наведе секоја жена да се вљуби во него за 10 дена. Истовремено, новинарката Енди пишува статија за тоа како да се ослободите од момчето за само 10 дена, така што ќе бидете неподносливи.
Тие двајца се сретнуваат, но, животот е она што се случува додека правиме други планови.
Оригиналната верзија на филмот е во режија на Доналд Петри според сценариото кое е адаптирано на кратката книга на две авторки – Мишел Александер и Џејни Лонг.