Се преземаат активности за вештачење и на мобилниот телефон на Бојан Јовановски – Боки 13, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Телефонот, посочуваат оттаму, му е одземен уште на 15 јули, дента кога беше отворена истрагата за случајот „Рекет“ и тој заедно со Зоран Милески – Кичеец, беше приведен.
Тогаш, обвинителката Вилма Русковска прати истражители и во домот на шефицата на СЈО, Катица Јанева, да ѝ ги одземат мобилните телефони за да се провери вмешаноста на Јанева во овој скандал. Наместо со два, тие се вратија со еден телефон, а за вториот, во јавноста излегоа информации дека синот на специјалната обвинителка рекол оти е изгубен во Белград. Подоцна, мобилниот беше пронајден кај сестрата на неговата девојка, но во него немало ништо затоа што бил форматиран.
Во истрагата за „Рекет“, покрај мобилните, од домовите на Боки 13 и неговите родители, како и од канцелариите што тој ги користел во 1 ТВ, обвинителството заплени два персонални компјутери и лаптопот кои ги користеле тој и неговата асистентка, како и поголемо количество брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела.
При претресот кај Зоки Кичеец, пак, беа запленети мобилни телефони, повеќе лаптопи, УСБ стикови и мемориски картички, а и поголемо количество на оружје и муниција.