Се укинуваат квотите во аптеките во туристичките места, наесен и во целата држава

1053

Во август ќе бидат укинати квотите во аптеките во регионите на туристичките места во Охрид, Струга, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен. Тоа значи дека за секој лек кој ќе биде издаден на рецепт, рецептот ќе биде реализиран од страна на Фондот. Ова е прв чекор во правец на укинување на квотите во сите аптеки на територијата на цела држава, нешто што премиерот го најави минатата седмица, а ќе се имплементира во септември и октомври.

Ова го најави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во овие региони години наназад имало голем недостаток на лекови.

При крајот на месецот ќе започне и официјална процедура на вклучување на сите аптеки кои сега не се во мрежата. Паралелно ќе се проширува мрежата согласно одлуката на последната седница на Владата, за прием на нови специјалистички ординации од разни специјалности од медицина и стоматологија. Со цел да се излезе во пресрет на оние кои тоа го чекаат.

Запрашан кои се контролните механизми со кои ќе се спречуваат злоупотреби, дали навистина само со лична карта ќе може да се зема лек во аптека, Филипче рече дека станува збор за комплексен механизам кој вклучува и софтверско решение а во суштина значи следење на лекот. Лекот ќе може да го подигне само пациентот за кој е препишан, освен лицата кои се неподвижни, но и за нив има развиен механизам како ќе се издаваат тие лекови.

На прашање имаат ли информации за досегашни евентуални злоупотреби при издавањето на лекови на рецепт, рече дека се прави анализа за тоа во Фондот.

– Со целосни информации ќе излеземе пред имплементирање на укинувањето на квотите – нагласи тој.

Целта е да се сведе бројот на лекови по глава на жител, согласно на европскиот стандард. На новинарско прашање значи ли тоа дека ќе одговара некој матичен лекар или аптека, Филипче одговори – доколку тоа се констатира, апсолутно да.

На коментар нели е тоа противуставно, укинување на квоти само во одредени региони, министерот рече дека станува збор за прв чекор во практично ослободување на квотите и либерализација, тоа е работа која се регулира не со закон и устав туку со правилник во рамки на Фондот. Тој правилник бил сменет утрово и мерката ќе се имплементира. Затоа што со години наназад притисокот од недостаток на лекови бил најголем токму таму. Мерката ќе важи за тие градови, но и за околните места.

На прашање кој ќе им препише лек на рецепти на оние кои не се жители таму и немаат таму матични лекари, министерот рече дека препишуваат само матичните лекари.

Тој појасни дека секој пациент при подолготраен престој некаде, си обезбедува рецепти од својот лекар.

Филипче појасни дека во овој период најмногу се трошат лековите за кардиоваскуларен систем.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...