Бидејќи во земјава нема можност за истражувања околу молекуларна биологија и Идриз планира да ја напушти Македонија

За сите оние скептици кои сметаат дека не вреди да се учи, оти според нив знаењето не се цени и сметаат дека успеваат само оние со „врски“, тој има силна порака.

2342

Скопјанецот Идриз Дурмиш студира молекуларна биологија на Природно математичкиот факултет, има просек 9,8 и сонува да му помогне на човештвото во битката со ракот, една од најсмртоносните болести на современиот свет.

Ни кажа дека отсекогаш бил премногу љубопитен на оваа тема и им поставувал секакви прашања на своите родители. Биологијата веднаш го заинтересирала уште во петто одделение, кога за првпат се сретнал со поимот клетка.

– ПМФ е единствениот факултет во земјата кој нуди квалитетни студии по молекуларна биологија. Оваа насока е сосема адекватна на моите интереси кон изучување на молекуларните процеси во биолошките системи, особено изучување на хуманата генетика и разбирање на фундаменталните закони на хередитарноста – вели 24-годишниот Дурмиш.

Уште како дете сонувал еден ден да стане или актер или научник. Во средно училиште бил дел од драмската секција и глумел во неколку претстави. Напишал и сопствено сценарио за новогодишна детска претстава и заедно со соученици гостувале во неколку скопски градинки.

– Чувството да се биде „актер“ и да се биде на сцена е одлично, но желбата и љубопитноста кон природата и биологијата беа поголеми, па се запишав на ПМФ и го направив вистинскиот избор – додаде тој.

На прашањето дали просекот отсекогаш му бил важен за лична сатисфакција, ни одговори дека на почетокот од студиите не очекувал да има висок просек.

– Учев лично за мене, а со тоа дојде и високиот просек. Од друга страна, сакам и имам високи амбиции, па можеби и тоа потсвесно влијаеше. Без поддршката на најблиските не би можел да бидам она што сум денес. Ме поддржуваа и во тешки и во добри моменти. Најголема поддршка имам од моите родители и од сестра ми кои се секогаш тука за мене. Тие ми даваат насоки и совети, не само за студиите, туку и за било што во животот. Тие најмногу се гордеат со мене – вели Дурмиш.


Тој смета дека континуираниот висок просек бара голема посветеност, време и труд, меѓутоа, како што нагласи, може да се одвои време и за дружење.

– Често може да се случи и да не излезам некој викенд за време на сесија или колоквиуми, но моите другари и пријатели имаат разбирање – додава тој.

Неговите другари го опишаа како „фраер“ во друштво, па го прашавме како реагираат девојките кога дознаваат дека истовремено станува збор и за успешен студент.

– Веќе сум научен на интересните реакции кога ќе им кажам на луѓето што студирам, а особено задоволство ми претставува кога луѓето ми поставуваат различни прашања во врска со клонирање, ГМО и слично. Истото важи и за девојките, па дури може да кажам дека насоката на студирање ми носи повеќе поени кај нив – со насмевка раскажува Дурмиш.

Го прашавме и за тоа каде се гледа во иднина, со што би сакал да се занимава, да истражува.

– Молекуларната биологија е огромно поле и може да се примени во секакви сфери, од идентификација на различни организми па сѐ до форензика. Мене најмногу ме интересира хуманата генетика т.е. генетиката на човекот. Иако е секвенциониран (прочитан) човечкиот геном, сепак ние сѐ уште не ги знаеме функциите на сите гени. Исто така, околу 98% до 99% од хуманата DNA не кодира протеини (се нарекува и junk DNA), туку учествува во контрола на експресија на гените. Сѐ уште целосно не се откриени молекуларните механизми на експресија на гените. Од друга страна, канцерот кој во светот се наоѓа на второ место на болести кои предизвикуваат смрт, претставува генетска болест. Сѐ уште се бара начин за прекинување на неконтролираната делба на канцер клетките. Иако откриени се многу работи, голем број на процеси и молекуларни механизми остануваат во тајна. Тоа претставува предизвик за секој молекуларен биолог – дециден е Дурмиш.

По долго размислување кога да ги запише магистерските студии, одлучил да ги остави за подоцна.

– Иако на факултет имаме лабораториски вежби, а и реализирав до сега две пракси (едната во Скопје, а другата во Лоџ, Полска), сепак одлучив да работам и да стекнам поголемо лабораториско и работно искуство – рече Дурмиш.

Се интересиравме дали планира да остане во нашата земја, или сака да бара работа во странство. Тој ни одговори дека ќе бара работа и тука, но и надвор.

– По дипломирање планирам да барам работа и во Македонија и во странство, меѓутоа многу посреќен би бил ако најдам работа надвор од Македонија. За молекуларните биолози нема услови и работа во Македонија. Нема опремени лабаратории, нема финансиски средства за истражување, додека во странство многу се инвестира во науката – беше категоричен.

Причината за тоа зошто младите често решаваат да ја напуштат државата и да заминат во странство, Дурмиш ја гледа во тоа што „во нашата држава работите се поставени наопаку“.

– Наместо да се задржи квалитетот и младата работна сила и да се вложува во иновативни процеси и наука, ние во државата се натпреваруваме кој да дојде на власт. Светот оди напред, младите сакаат да работат, да заработат и да уживаат во животот. Кај нас тоа го нема – вели Дурмиш.

Поразговаравме и за тоа кои се неговите идоли.

– Имам повеќе. Би почнал од Стивен Хокинг, кој иако не бил биолог, меѓутоа бил фасцинантен физичар и научник. Од биолозите омилени ми се Чарлс Дарвин и Ричард Докинс. Мислам дека Дарвин е идол на секој биолог, додека кај Докинс ми се допаѓа тоа што се придружува исклучиво на рационалната мисла. Најголеми идоли во мојот живот се моите родители од кои црпам енергија, сила и мудрост за секакви животни ситуации. Целта, а и најголема кариерна желба, ми е да бидам дел од научен тим кој ќе истражува одредена актуелна тема важна за човековото здравје – рече тој.

Досега, како што сподели со нас, не се соочувал со никакви проблеми на патот кон успехот.

– Единствениот „проблем“ на кој наидов е што морав студиите да ги пролонгирам плус уште една година поради мојот престој на Универзитот во Лоџ, каде што реализирав пракса од областа на микробиологијата и имунологијата, па пропуштив две испитни сесии. Но, ете, ми преостануваат уште 3 испити и скоро дипломирање – додаде Дурмиш.

За сите оние скептици кои сметаат дека не вреди да се учи, оти според нив знаењето не се цени и сметаат дека успеваат само оние со „врски“, тој има силна порака.

– Пријателски ќе им препорачам да го учат она што тие го сакаат, она што ги прави комплетни и среќни. Сигурен сум дека знаењето и вештините кои ќе ги стекнат, порано или подоцна, ќе придонесат до успех и напредок во кариерата. Иако кај нас условите се лоши и неперспективни, сметам дека знаењето и квалитетот секогаш излегуваат на виделина без разлика кој колку врски има -вели овој успешен студент.

За крај, со нас се поздрави со зборовите дека научниците не веруваат во судбина, туку во докази, факти и рационални образложувања.

– Сметам дека желбата и напорната работа се основата на успехот. Како што рекол и Алберт Ајнштајн – 99 проценти од успехот е вложен труд, а само 1 процент талент – заврши Дурмиш.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...