Пожарникарите во последните 24 часа изгасија десет пожари кои зафатија подрачје од 3.700 хектари во сибирската република Јакутија.
– Целото подрачје зафатено од пожари изнесува 1,2 милиони хектари – соопштија денеска локалните власти.
Во гаснењето на огнот ангажирани се околу 860 пожарникари со 96 парчиња опрема и пет авиони за надгледување, кои извршиле 14 летови. Во Јакутија од 1 август во сила е вонредна состојба поради пожарите.
Стотина руски градови се наоѓаат под чад поради пожарите кои траат веќе со денови. Иако огнената стихија не зафати населени подрачја, сепак густиот чад навлезе во околу 800 населени места. Фауната на зафатените подрачја е речиси целосно уништена, а на социјалните мрежи се шират фотографии од пеполосани животинки.