Вонредна средба на Комисијата за историски прашања ќе бара бугарската страна откако премиерот на Бугарија, Бојко Борисов пред два дена побара таа да работи секојдневно и до октомври да ја заврши својата работа.
Копретседателот на Комисијата за историја Ангел Димитров, во изјава за бугарското национално радио, порача дека ќе ги повика на состанок македонските колеги кон крајот на овој месец, пред редовно закажаниот во септември.
На таа средба како што вели Димитров, треба да се решат две важни прашања – бугарските учебници за средновековието и османлискиот период, но и прашањето за чествувањето на Гоце Делчев.
– Работите за Гоце Делчев за бугарската историска наука се јасни. Историчарите нема да кажат што е Гоце Делчев. Тие можат само да го потврдат или негираат тоа што тој го кажал за себе, за своето семејство, за околината во која израснал, за кои интереси работел и за кои го дал животот. Разликите по тоа се фундаментални. Ние сакаме да го гледаме Гоце Делчев како личност во неговото историско време, а не од гледна точка кои ги напуштаат чисто историските гледања и кореспондираат со подоцна создадени слики со чисто политичка конотација. За нас тоа не е продуктивен пристап, модерен, современ. Тука се разидуваме со колегите – вели Ангел Димитров, претседател на бугарската страна во Комисијата за историски прашања.