Анѓушев се сретна со делегација од Бундестагот: Капиталот сака сигурност

261

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев оствари средба со делегација од Сојузното германско собрание, предводена од Гунтер Крихбаум, претседавач на Комитетот за односи со ЕУ во Бундестагот.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека економската соработка помеѓу двете земји е на високо ниво, Сојузна Република Германија е прв трговски партнер на Република Македонија и радува тоа што соработката дополнително се развива.

„Во Македонија работат околу 200 компании со германски капитал. Германија е земја со која Република Македонија има најголем суфицит во трговската размена, кој во 2017 година изнесуваше над 1,5 милијарди евра. Задоволство е што во првите два месеци од 2018 година, во однос на првите два месеци во 2017 година, забележан е раст од 27% во трговската размена помеѓу двете земји и над 30% раст на извозот во Германија, што покажува дека соработката се унапредува и расте “, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Тој ги запозна германските парламентарци со усвоениот сет на економски мерки со кои силно се поддржува индустријата во земјата, се поттикнуваат нови инвестиции и посочи дека овие мерки се одлична можност за инвестиции од постоечките и нови германски компании.

„Мерките од Планот за економски раст ќе ја раздвижат македонската економија. Преку нивна имплементација се стимулираат нови инвестиции, технолошки развој и иновации, што ќе доведе до повисока конкурентност на компаниите кои работат тука, а со тоа нови работни места и повисоки плати за граѓаните на Република Македонија“, потенцираше Анѓушев.

Владеење на правото и стабилната политичка ситуација се неопходни за инвеститорите да чувствуваат сигурност во својот капитал, тоа е основа за да се обезбеди економски раст, се согласија соговорниците.

Претставниците на Бундестагот истакнаа дека спроведувањето на реформите кои ги презема македонската влада во  сите сфери, се добра основа за целосно интегрирање во Европската Унија и НАТО  и дополнија дека членството во овие организации ќе придонесе за посветла иднина за младите генерации.

Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека Владата е посветена на реформската агенда, а дека ќе се користат германски искуства и знаења во имплементација на дуалниот систем на образование, за продуцирање на квалификувани и квалитетни кадри за потребите на стопанството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...